Над 16.000 македонски граѓани ја напуштиле државата за 24 часа – еве што се случува на границите
Во изминатото деноноќие, повеќе од 16.000 македонски државјани ја напуштиле земјата преку најфреквентните гранични премини „Богородица“ и „Табановце“, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи.
На граничниот премин „Богородица“, во периодот од завчера напладне до вчера напладне, излез од државата оствариле 6.864 македонски граѓани, додека влез регистрирале 1.394 лица. Во истиот временски интервал, во државата влегле 4.753 странски државјани, а 5.070 ја напуштиле.
Слична слика е забележана и на „Табановце“, каде што за 24 часа од државата излегле 9.150 македонски државјани, а влегле 3.158. Кај странските државјани, регистрирани се 7.360 влезови и 5.449 излези.
На останатите гранични премини, бројките се значително пониски. Преку „Дојран“ излегле 546 македонски граѓани, а влегле 241, додека 1.212 странци влегле, а 1.114 ја напуштиле земјата. На „Меџитлија“, пак, излез оствариле 831 македонски државјанин, а влез 129, додека кај странците се регистрирани 3.347 влезови и 3.038 излези.
И покрај зголемениот проток на патници за продолжениот викенд, надлежните информираат дека состојбата на граничните премини е стабилна. На „Дојран“ задржувањата се минимални – до пет минути на македонска страна и од 10 до 15 минути на грчка страна, а сообраќајот се одвива без поголеми проблеми.
Ова е и првиот ден од целосната примена на новиот дигитален систем на Европската унија – ЕЕС (Entry/Exit System), кој воведува електронска евиденција на влезовите и излезите за државјани од земји кои не се членки на ЕУ.
Со новиот систем се собираат и основни биометриски податоци, како отпечатоци од прсти и фотографија, со цел побрза идентификација и подобра контрола на престојот во Шенген зоната. Очекувањата се дека ваквиот начин на контрола ќе го подобри следењето на правилото за престој од 90 дена во период од 180 дена, но и дека може да предизвика подолги задржувања на граничните премини при влез во Европската унија.