Меланија Трамп со јавна изјава за Епстин: „Не сум жртва, ниту ме запознал со Доналд“
Првата дама на САД, Меланија Трамп, јавно ги демантираше тврдењата што ја поврзуваат со покојниот финансиер Џефри Епстин, во обраќање од Белата куќа кое предизвика силни реакции во јавноста и медиумите.
„Не сум жртва на Епстин и тој не ме запознал со Доналд Трамп“, изјави таа, нагласувајќи дека станува збор за „неосновани лаги“ кои, според неа, мора да престанат.
Меланија Трамп појасни дека никогаш не била пријателка со Епстин, но дека со нејзиниот тогашен партнер Доналд Трамп повремено се среќавале со него во друштвени кругови во Њујорк и Флорида. Таа истакна дека јавните шпекулации за нејзината поврзаност со случајот се претерани и неточни.
Обраќањето, кое траело помалку од шест минути, доаѓа во чувствителен политички момент за администрацијата на Доналд Трамп, кога Белата куќа се соочува со критики и поради други прашања, вклучително и надворешната политика.
Иако изјавата на првата дама имаше за цел да стави крај на контроверзиите, аналитичарите оценуваат дека таа може да има спротивен ефект и повторно да го актуелизира случајот со Епстин во јавниот дискурс.
Во своето обраќање, Меланија Трамп се осврна и на стара електронска преписка од 2002 година со Гислејн Максвел, соработничка на Епстин, нагласувајќи дека станувало збор за „случајна и тривијална комуникација“ без подлабоко значење.
Од Белата куќа нема јасни информации дали изјавата била координирана со претседателот. Доналд Трамп изјави дека не бил информиран за нејзиното обраќање, иако извори блиски до администрацијата тврдат спротивно.
Во меѓувреме, групи на жртви поврзани со случајот Епстин реагираа, обвинувајќи ја првата дама дека со ваквите изјави се пренасочува вниманието од институциите кои треба да обезбедат правда и транспарентност.
Дополнително, демократски претставници најавуваат можност Меланија Трамп да биде повикана да сведочи пред Конгресот, што би можело да отвори нов политички фронт меѓу Белата куќа и законодавната власт.
Случајот со Епстин продолжува да предизвикува контроверзии во САД, а најновата изјава на првата дама само дополнително ја разгоре јавната дебата.