Објавувањето на двонеделен прекин на огнот меѓу Иран, Израел и САД по 40 дена интензивни напади и одмазднички чинови, ја ставија војната во мирување. Како и вообичаено, цивилите го понесоа товарот на војната – илјадници убиени или повредени, и многу повеќе раселени лица. Домови, инфраструктура и основата за живот се уништени – во Иран, во Израел и низ целиот регион.
И покрај примирјето, Израел ја продолжува воената кампања против Хезболах во Либан. Само неколку часа откако беше објавен прекинот на огнот, Израел изврши најтешки напади во соседството по интензивирањето на конфликтот со Хезболах минатиот месец.
Војната нема победници. Но, конфликтот ја преуредува глобалната политика и се одразува на алијанси, пазари за енергетика и на глобалното влијание. Погледната низ оваа призма, војната во Иран демонстрира како моќта се поместува и многу подалеку од границите на Блискиот Исток.
Иран: Режимот под притисок, но сè уште не е клекнат
Иран е во центарот на конфликтот. Од 28 февруари, САД и Израел извршија тешки воздушни напади врз воени цели и енергетска инфраструктура. Според организацијата за човекови права ХРАНА, во Иран се убиени повеќе од 3.600 лица, меѓу кои и врховниот лидер, ајатолахот Али Хаменеи и многу други влијателни политички и воени лица, но и 165 лица во женско училиште, повеќето од нив деца.
И покрај загубата на раководството, јадрото на политичкиот систем на Иран останува недопрено. „Нема придвижување во правец на промена на режимот“, оценува за ДВ американскиот аналитичар и претседател на Евроазиската група, Иан Бремер. „Нема развој во насока на спасување на иранскиот народ, што, барем во почетните денови од конфликтот, претседателот Трамп го декларираше како цел“, додава тој.
Иранскиот режим презеде чекор од висок ризик и го блокираше Ормускиот Теснец за бродски сообраќај, дозволувајќи им само на неколку земји да го користат и натаму. Се работи за тесниот мореуз низ кој минува околу една петтина од глобалните испораки на нафта. Таквиот потег придонесе глобалните цени на нафтата да се зголемат и притисокот врз САД и нивните сојузници да биде уште поголем.
Таквата стратегијата им се исплатеше. Техеран обезбеди прекин на огнот без да признае пораз. Владата може да го претстави примирјето како доказ дека им се спротивставила на САД и на целата нивна воена моќ. Претседателот Доналд Трамп го прифати планот од 10 точки на Иран како основа за разговори. Режимот во Иран преживеа и си купи време за да се обиде да ја обликува следната фаза по поповолни услови.
САД: Воени добивки, политички лимити
Претседателот Доналд Трамп исходот го оцени како „целосна и комплетна победа“. Многу аналитичари му се спротивставуваат. „Тие постигнаа некои од целите“, вели Иан Бремер за ДВ. „Ако ја погледнете штетата нанесена на воените капацитети на Иран, нивните конвенционални балистички и поморски капацитети, голем дел е сериозно деградиран“, вели Бремер и додава дека дел од нуклеарната програма на земјата е исто така сериозно оштетен. Тоа е важно за Вашингтон, според кој главна цел е спречување на Иран да се стекне со нуклеарно оружје.
Но, САД претрпеа и загуби. Иранските напади оштетија или уништија радарски системи и авиони во вредност од милијарди долари. Угледот на САД како заштитници на сојузниците од Персискиот Залив е сериозно нарушен, откако Иран ги нападна соседите и не само американските бази таму, туку и нивната критична инфраструктура.
Односите со Европа и НАТО се затегнати откако Вашингтон ја започна војната без консултации со сојузниците. Прекинот на огнот ги запре нападите врз американските сили и засега го намали ризикот од поширока регионална војна – врвен приоритет на САД.
Се очекува Ормускиот Теснец повторно да биде отворен и да се намали притисокот врз пазарите за нафта. Вашингтон повторно ќе седне со Иран на преговарачката маса каде што всушност беа и пред почетокот на војната. САД не го сменија однесувањето на Иран во посакуваниот правец, а цената за меѓународниот углед допрва ќе се види.
Израел: Тактички придобивки, долгорочни ризици
Израел ги ослабна воените капацитети на Иран и покажа дека може да напаѓа далеку од своите граници, како и да ужива силна поддршка од САД.
Војната истовремено ги откри болните точки. Иранските ракети ја ставија воздушната одбрана на Израел под постојан притисок, а некои ракети ја пробија, убивајќи повеќе од 30 луѓе. Заканата од Иран и неговите регионални сојузници останува.
Фаваз Гергес од Лондонската школа за економија за ДВ изјави дека Израел би можел да излезе „многу ослабен“ од војната. Тој смета дека дипломатската штета веројатно ќе биде значителна особено во неговото соседство – сега е многу помала веројатноста земјите од Персискиот Залив да ги продлабочат врските со Израел.
Кина: Бенефит на долг рок
Кина ќе има корист на долг рок. САД распоредија многу воени адути на Блискиот Исток за да го заштитат бродскиот транспорт во Ормускиот Теснец со што многу помалку ресурси се на располагање за индо-пацифичкиот регион, каде што Вашингтон и Пекинг се во трка за влијание.
„Кина има корист не само затоа што Америка е помалку фокусирана на азиската воена средина, туку и затоа што и самите сојузници сега сметаат дека не може толку да се потпрат на САД“, вели Бремер и додава дека „тоа значи оти Кина во споредба со нив се смета за релативно стабилен играч“.
Пекинг повикуваше на воздржаност во текот на борбите и го поздрави прекинот на огнот. Кина се претстави како одговорен глобален чинител, истовремено штитејќи ги своите економски интереси. Кина купува повеќе од 80% од извозот на нафта од Иран, често по намалени цени. Но, земјата неодамна создаде големи резерви на енергенти, штго ѝ овозможува да ги апсорбира ценовните шокови многу подобро од ривалите.
Русија: Профитер од прекините
Војната ѝ помогна на Русија на повеќе начини. Ценовните скокови на енергентите ги зголемија приходите на Москва во време кога нејзиниот буџет беше под притисок поради војната во Украина. Санкциите беа привремено олеснети бидејќи земјите бараа алтернативни добавувачи на нафта.
Иако цените се намалија по прекинот на огнот, една придобивка и натаму останува. Глобалното внимание од војната на Русија во Украина се префрли на друга страна. „САД голем дел од своите воени капацитети префрлија во Заливот што значи дека системите за оружје што им се потребни на Украинците едноставно нема да бидат достапни“, вели Бремер. Но, сепак. Иран е пријателска нација за Москва, една од ретките што ѝ останаа во регионот, па затоа нејзиното слабеење е минус за Русија.
Заливските држави: Придобивки и изложеност на удар
Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и другите земји од Персискиот Залив беа мета на напади од Иран. Притоа беа оштетени енергетски постројки вредни милијарди долари, а чувството за безбедност во погодените земји е потресено.
Некои земји и покрај тоа имаа придобивки. Саудиска Арабија го заобиколи Ормускиот Теснец и поголемиот дел од својата нафта го транспортираше преку својот цевковод Исток-Запад до Црвеното Море. „За буџетот на Саудиска Арабија ситуацијата е всушност многу ветувачка затоа што земјата извезува многу енергија по многу висока цена“, посочува Бремер.
Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), пак, во голема мера се потпираат на странски работници и инвеститори. „90 проценти од над 10-те милиони луѓе во ОАЕ се иселеници“, вели Бремер и додава дека „тие мора да бидат комфорни дека ова е безбедно место за нив“. Безбедносните стравови го оштетија имиџот на безбедно засолниште – клучен столб на нивниот економски модел.
Европа ја плаќа цената
Европа е меѓу највоочливите губитници од војната со Иран. Повисоките цени на енергентите се одразија врз домаќинствата и индустријата, како и во многу други делови од светот. Прекините во бродскиот транспорт влијаеја на трговијата, а притисокот со инфлацијата се зголеми во време кога многу европски економии и онака беа во тешкотии.
Тоа ги зголеми поделбите во рамки на традиционалните сојузи. Европските влади одбија да дадат поддршка за воените операции на САД. Некои дури не дозволија ни користење на воздушниот простор за офанзивни мисии. Претседателот Трамп одговори со повторно заканување дека ќе ги повлече САД од НАТО – сценарио од кое се плашат многу Европејци.
Пакистан: Дипломатски моментум
Пакистан одигра централна улога во посредувањето на прекинот на огнот и се очекува да биде домаќин на натамошните разговори. За премиерот Шехбаз Шариф ова е огромен дипломатски успех.
Пакистан негува дипломатски релации и со Вашингтон и со Техеран и со недели тивко пренесуваше пораки меѓу нив. Исходот ја зајакна улогата на Пакистан како регионален посредник во прашањата за распределба на моќ. Неговиот ривал Индија остана маргинализирана и многу погодена од зголемувањето на цените на енергентите./dw.com