ВАЖНО ЗА ПАТНИЦИТЕ: Оваа авиокомпанија денеска стапува во штрајк!

Пилотите на германската авиокомпанија „Луфтханза“ започнаа дводневен штрајк што предизвика сериозни нарушувања во воздушниот сообраќај.

Штрајкот е најавен и на официјалната веб-страница на компанијата за денеска. Со штрајкот ќе бидат загрозени најмалку 80 проценти од летовите од Франкфурт и Минхен, потенцијално оставајќи повеќе од 50.000 патници во неизвесност.

Десетици илјади патници низ Германија се соочија со прекини во патувањето во текот на викендот.

Патниците чиј лет ќе биде откажан, ќе бидат соодветно информирани, под услов нивните контакт информации да се зачувани во резервацијата.

Ги молиме патниците да ја проверат состојбата на нивниот лет пред да тргнат на патување, велат од Луфтханза.

„Луфтханза“ во соопштението штрајкот го оцени како  „сосема ново ниво на ескалација“ и рече дека барањето на синдикатот за „удвојување на веќе надпросечната и одлична пензиска програма на компанијата е апсурдно и неостварливо“.

Многу летови беа откажани на германските аеродроми денеска, откако пилотите на Луфтханза започнаа штрајк кратко по полноќ.

Синдикатот на германски пилоти повика на прекин на работата во Луфтханза и неколку нејзини подружници до вторник, како резултат на работнички спорови околу пензискиот план на компанијата, условите за работа и надоместоците во регионалната подружница „Ситилајн“.

Штрајкот на пилотите на основниот бренд „Дојче Луфтханза“, „Луфтханза Карго“ и „Ситилајн“ започна кратко по полноќ и е предвидено да заврши кратко пред полноќ во вторник.